
Андовски: Починатиот пациент беше во критична состојба изминатиов месец
На денешната прес-конференција, заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, ја потврди тажната вест дека пациентот кој беше тешко повреден во пожарот во Кочани и беше префрлен на лекување во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград, подлегнал на повредите.
-Со жалење сакам да ве известам за информациите коишто ги добивме од ВМА во Белград денес претпладне за жал подлегна на повредите Стојанче Стефанов од Кочани роден 2001 година. Станува збор за пациент кој од првиот ден согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен во ВМА во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба изминатиов месец, вели Андовски.
Министерот информираше дека сè уште има двајца пациенти со посериозни повреди, но нивната состојба е стабилна. Дополнително, денеска во земјава се враќа еден пациент кој се лекуваше во Грција.