
„АЛКАЛОИД“ ПРОГЛАСЕН ЗА ВОДЕЧКИ ИНВЕСТИТОР ВО РЕГИОНОТ – за пет години вложувања од над 100 милиони евра
Генералниот директор и претседател
на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, на церемонијата организирана
од Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан (WB6CIF) за оддавање
признанија за најдобрите и најуспешни компании во регионот, на која компанијата
„Алкалоид“ АД Скопје беше прогласена за водечки инвеститор во регионот, се осврна на неколку клучни поенти поврзани со инвестициите на оваа успешна фармацевска компанија во регионот.
„За време на веќе
деветдецениското работење, „Алкалоид“ е компанија која поминувала низ многу
предизвици, но секогаш константа биле инвестициите. Значи, во последните три
децении ние особено му се посветивме на континуираното инвестирање во
проширување на производствените погони, во нови технологии, во истражување и
развој и, секако, во добар и квалитетен кадар.
Во последните пет години особено
инвестиравме во регионот. Ние си го доживуваме и си го третираме како домашен
пазар и од тој аспект со оваа инвестиција од над 104,1 милиони евра покажуваме
колку нам ни значи регионот.
Мислам дека треба заеднички да ги
бараме синергиите кои може тука да си ги понудиме едни на други и да бидеме
многу поконкурентни, заедно да инвестираме, да градиме и да направиме едно
влијание за да ги задржиме младите луѓе да останат тука во Македонија, во
регионот, со сето нивно знаење што го имаат, за да може, едноставно, нашите
компании со нив заедно да одат напред.
Што повеќе отворени средби, што
повеќе разговори, што повеќе вмрежување за заеднички да градиме една додадена
вредност. Доколку се отвориме едни спрема други, мислам дека можеме сериозно да
одиме напред и да покажеме дека во овој регион има капацитет, има знаење и дека
овој регион може да создава многу, многу нова додадена вредност.“