
ЈАДЕЊЕТО ВО КАФАНИ И РЕСТОРАНИ СТАНУВА СЕ ПОСКАПО – нов раст на цените на угостителите, салатите и варивата „на удар“
Нов раст на цените на угостителските услоги регистрираше Државниот завод за статистика. Како што соопштуваат од ДЗС, угостителските услуги во јануари годинава, во однос на истиот месец од 2024-та, се поскапени за 5,8 проценти.
– Цените на угостителските услуги во јануари 2025, пак, во споредба со декември 2024 година, се зголемени за 0,2 отсто.
Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите Храна за 0,3 проценти, Безалкохолни пијалаци за 0,1 отсто и Ноќевања за 0,3 проценти – се наведува во соопштението на ДЗС.
Ако се направи споредба на годишно ниво, ќе се забележи дека најмногу поскапео ноќевањето. Таму ДЗС регистрираше раст на цените од високи 22,1 отсто.
Податоците откриваат дека на годишно ниво храната во рестораните поскапела за 1,7 проценти, а најголем раст имало на цените на салатите кои поскапеле 3,8 проценти, и варивата каде растот е 2,6 отсто.
Поскапеле и безалкохолните пијалоци и тоа за 4,5 проценти, како и алкохолот за 2,7 отсто.