
660 ПОЖАРИ ВО ГРЦИЈА УНИШТИЈА 50.000 ХЕКТАРИ ШУМИ И ВЕГЕТАЦИЈА: Јули најкобен месец во последните 13 години
Двенеделните интензивни горештини и шумски пожари ги потврдија
стравувањата дека грчкиот екосистем е во зголемен ризик, предупредуваат
експертите и повикуваат на акција. Изгореа околу 50.000 хектари шуми и
вегетација, според проценките на Националната опсерваторија во Атина. Ова го
прави месец јули најлошиот во последните 13 години во овој поглед, рече
Каралампос Контоес, директор за истражување во опсерваторијата.
„Беше сува зима и пролетните дождови не беа доволни за
одржување“ на влагата во почвата, изјави Контоес за француската новинска
агенција АФП. Министерот за цивилна заштита Василис Кикилијас оваа недела рече
дека пожарникарите се борат со повеќе од 660 пожари во јули, во просек од 50 до
70 пожари дневно.
Бизнисите и фармите на туристичките острови Крф и Родос,
вториот по големина грчки остров Евбеја, и рурална област во близина на Волос,
во централна Грција, претрпеа најголема штета оваа година. Грчкото државно
здружение на земјоделски осигурителни компании ЕЛГА проценува дека на Родос се
уништени 50.000 маслинки и 2.500 животни и пчелни кошници.
Во областа на Волос, „значителни загуби“ се констатирани во
собраното жито и грозје, заедно со земјоделските машини и згради. Имаше и
големи загуби кај добитокот, се додава.
Ризици од нови
пожари
Грција секоја година има шумски пожари. Во 2007 година
оставија 84 мртви на Пелопонез и Евбеја. Во 2018 година, вкупно 103 лица
загинаа во Мати, приморско одморалиште во близина на Атина. Три лица загинаа во
Евбеја пред две години, а пет годинава.
„Повторувачките пожари го загрозуваат екосистемот. Шумите се
претвораат во земјоделско и шумско земјиште, рече Никос Бокарис, шеф на Сојузот
на грчките шумари. „Пејзажот се менува и наликува на африкански пејзажи“,
додаде тој.
На Родос, каде што избувнаа пожарите на 18 јули, голем дел
од локалната фауна беше сериозно погодена, вклучувајќи го и еленот лопатар,
симболот на островот, рече Григорис Димитријадис, шеф на локалното еколошко
здружение. Дополнително, климатската опсерваторија Коперник на Европската унија
во средата соопшти дека емисиите на чад од шумските пожари во Грција се
највисоки за овој период во последните 21 година.
ФОТО: EPA-EFE/IKONOMOU VASSILIS