3,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОД САД ЗА ЈАКНЕЊЕ НА МВР Дијалогот во Вашингтон носи резултати, вели Тошковски

„Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави е важен процес што носи конкретни резултати за безбедноста на нашите граѓани. Преку ова партнерство обезбедуваме посигурни граници, поефикасна борба против криминалот и модерни, отпорни институции“.
Вака истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој во Вашингтон е дел од владината делегација каде што се одржува втората сесија од овој билатерален процес.
– Особено значајна е поддршката од страна на САД во износ од над 3,5 милиони долари, наменета за јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, што претставува директна инвестиција во безбедноста на државата – вели Тошковски.
Првиот човек на МВР истакна и дека паралелно, се работи и на унапредување на сајбер безбедноста преку техничка поддршка, обуки и модернизација на системите, со цел поефикасна заштита на институциите и критичната инфраструктура.
МВР истакнува дека во рамки на дијалогот, става силен акцент на зајакнување на граничната безбедност, борбата против организираниот криминал, нелегалната миграција и трговијата со дрога, како и унапредување на разузнавачката соработка со партнерските служби.
„Соединетите Американски Држави остануваат најважен стратешки партнер на државата и силен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и демократските капацитети“, се вели во соопштението на МВР.
.