
25-годишен скопјанец ограбил две филијали за брзи кредити со пиштол, Обвинителството бара притвор
Основното јавно обвинителство Скопје отвори истрага и побара притвор за 25-годишен скопјанец, кој се сомничи дека во рок од само три дена извршил две вооружени разбојништва во филијали на иста компанија за брзи кредити, одземајќи вкупно 85.500 денари.
Според истрагата, првото разбојништво се случило на 15 август во просториите на компанијата во ГТЦ. Осомничениот влегол во објектот, седнал како клиент, а кога вработената го прашала колку пари му требаат, тој извадил пиштол и ѝ наредил да ја отвори касата. Исплашената вработена ја ставила касата на бирото, по што тој ги зел сите 60.500 денари и избегал.
Само три дена подоцна (18 август), осомничениот го повторил делото, овојпат во филијалата во Старата скопска чаршија. На сличен начин, заканувајќи му се со пиштол на вработениот, го натерал да го отвори сефот и одзел 25.000 денари.
По второто разбојништво, тој побегнал во правец на плоштадот, а пиштолот го фрлил од Камениот мост во реката Вардар.
Јавниот обвинител информира дека осомничениот извесен период бил недостапен за органите на прогонот, бидејќи по грабежите избегал во Хрватска. Поради ова, Обвинителството оцени дека сè уште постои висок ризик тој повторно да се даде во бегство, но и да го повтори делото, поради што е побарано од судот да му определи мерка притвор.
