
Законот за пушење се менува – терасите ќе мора да бидат отворени од минимум две страни за да може на нив да се дозволи пушење
По средбата меѓу претставници на угостителскиот сектор и Владата, постигнат е договор за измени на Предлог-законот за заштита од пушење. Наместо досегашното решение терасите да бидат отворени од три страни, новиот предлог предвидува тие да бидат отворени од најмалку две страни за да може на нив да се дозволи пушење.
Барањето на угостителите за тригодишно одложување на примената на законот нема да биде прифатено. Според договореното, измените би почнале да важат една година по стапувањето на сила на законот. Целосната забрана за пушење во затворен простор останува непроменета, додека Министерството за здравство ги разгледува и другите предлози доставени преку системот ЕНЕР.
Како што објави Телма, клучната измена се однесува токму на условите што треба да ги исполнуваат терасите. Голем дел од локалите, според анализите на надлежните институции, реално не можат да обезбедат отворање од три страни, поради што се пристапило кон корекција на решението.
Претседателот на Туристичко-угостителската комора на Македонија, Перица Голомеиќ, изјави дека во деловните простори, како и досега, нема да се дозволи пушење цигари, ајкос или вејп, додека на терасите ќе може да се пуши под истите услови како и сега, сè до усогласувањето со новите стандарди.
„Ќе имаме можност терасите какви што се во моментов да продолжиме да ги користиме и на нив да се пушат цигари, а ќе ни биде даден рок до кога ќе треба да ги приспособиме – да бидат отворени од минимум две страни и заградени до 1,40 сантиметри, од безбедносни причини и поради природно проветрување“, изјави Голомеиќ.
Угостителите очекуваат измените полесно да се спроведат, но апелираат законот да се применува доследно и неселективно.
„Ако не се пуши на ниту една тераса што не ги исполнува стандардите, тогаш ќе биде чесно кон сите угостители. Во спротивно, оние што го прекршуваат законот би биле повластени. Ние максимално го поддржуваме законот во неговата крајна цел – заштита на јавното здравје“, додаде Голомеиќ.
Јавната расправа за предлог-законот е завршена, а работната група ги анализира сите забелешки и предлози доставени преку ЕНЕР. По финализирањето, текстот ќе биде доставен до Владата, а потоа и до Собранието на усвојување.
