Зајкова за средбата со Ковачевски: Ние даваме поддршка за се што значи движење на брзиот воз кон ЕУ и европската агенда
Претседателката на Либерално-демократска партија и пратеничка Моника Зајкова денеска изјави дека на вчерашната средба на премиерот Димитар Ковачевски со лидерите на коалициски партнери на СДСМ, разговарале и за окрупнување на владиното мнозинство, а дали ќе дадат поддршка за тоа Алијансата за Албанците да влезе во владината коалиција, вели, ќе зависи од програмските цели на таа коалиција.
„За нас, се што значи движење на брзиот воз на Европската Унија и европска агенда, ние даваме поддршка, меѓутоа кога влегувате во една коалиција мора да знаеме кои ќе бидат програмските цели на таа коалиција, за што таа коалиција ќе се залага и која е целта“, рече Зајкова во однос на тоа дали за нив е прифатливо Алијансата за Албанците да влезе во владината коалиција.
„Досега јас не сум слушала ниту една партија да се огради дека не е за тоа и сите имаме иста цел, но имаме различни гледишта во поглед на решенијата и одлуките како да се стигне до таа цел. За ЛДП секогаш ќе биде важно какви идеали ќе дели таа коалиција и која програма ќе се застапува и од тоа ќе зависи дали ќе даде поддршка или не“, рече Зајкова.
Зајкова изјави дека процесот за уставните измени треба да започне и секој пратеник индивидуално одлучува за тоа каква одлука ќе носи понатаму врз основа на својата визија за иднината и развојот на државата.
„За уставните измени процесот треба да започне и секој пратеник индивидуално одлучува за тоа каква одлука ќе носи понатаму врз основа на својата визија за иднината и развојот на државата и говоревме дека пратениците не треба да бидат предмет на никакви пазарења или притисоци, како што сме сведочеле во минатото“, рече таа.
Зајкова потенцира дека синоќешната средба била за меѓусебно брифирање. „Синоќешната средба е една од редовните средби што владината коалиција и владините партнери ги остваруваат меѓусебно. Јас сум новоизбран претседател на ЛДП и сум првпат на ваква средба. Меѓусебно се информираме и си брифираме за тековните политички случувања, справувањето со економската и енергетската криза во државата, колку од владината програма досега е реализирана и што останува. Се разгледуваше планот како понатаму ќе се движиме по интегративниот пат, но беше зборувано и за можностите за окрупнување на владиното мнозинство“, рече Зајкова.
Ковачевски синоќа во Клубот на пратеници одржа средба со претседателите и други високи претставници на парламентарните партии со кои СДСМ заедно настапи на последните парламентарни избори и кои се дел од владината коалиција. Тој на Фејсбук објави дека на средбата е разговарано за реформите и за европска иднина на државата.
„Разговаравме за активностите во 2023 година, за мерките и политиките во глобалната енергетска криза, економскиот развој и енергетската транзиција, за имплементација на владината програмата, реформите за европскиот пат и чекорите за обезбедување европска иднината на државата“, објави Ковачевски.