
Вучиќ: Политиката на создавање Голема Албанија е процес кој ќе продолжи
Курти нема да сопре со политиката на Голема Албанија, вели српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ кажа дека има многу насилство над Србите кое не е процесуирано и додаде дека никој не сака да ги решава тие проблеми.
„Политиката на создавање Голема Албанија е процес кој ќе продолжи. Курти нема да сопре тука, дури и ако му се спротивстават. Кој мисли дека ќе ги убедат во Брисел дека нема да биде наследник на Енвер Хоџа се излажал. Тој ќе продолжи со таа политика“, кажа српскиот претседател.
Тој праша зошто молчи Западот.
„Нив не ги интересира приказната за Голема Албанија, за нив тоа е во ред“, додаде Вучиќ.
Вели дека сакаат да ја примораат Србија да ја смени политиката и да ѝ воведе санкции на Русија, оценувајќи дека Белград поради тоа ќе трпи голем притисок, најголем до сега.
„Очекувам бројни проблеми на тоа поле, бидејќи гледате дека Русија не можете да ја победите, а не мислам ни дека Русија може да победи… јасно е тоа. Сега (Западот) мора да го зацврсти фронтот против Русија“, рече Вучиќ.
Србија, според него, сепак ќе продолжи да води одговорна политика.
Косовската претседателка Вјоса Османи вели дека оставките на тројцата припадници на косовската полиција од српска националност се директна последица на постојаните закани и заплашувања од страна на Србија, јави дописникот на МИА од Приштина. Тие вчера се повлекоа.
Инаку, косовскиот премиер Албин Курти во петокот беше во Чаир и Тетово, а во Тетово порача Македонија да се држи до Косово и Бугарија, а не до Србија.
На средбата се вееше знаме на Голема Албанија, а полицијата трага по лицето.
фото ЕПА