
Владата размислува за нов авион: „Лирџетот“ премал и прескап за одржување – се разгледуваат опции до 50 милиони евра
Службата за општи и заеднички работи на Владата најавува иницијатива за набавка на нов владин авион. Во интервју за „Само интервју“ на Канал 5, директорот Ивица Томовски вели дека државата мора да има соодветно летало, бидејќи сегашниот авион „Лирџет“ не ги исполнува потребите.
– Ако сакаме да бидеме сериозна држава, треба да имаме соодветен владин авион. Не треба да дозволиме да нè собираат соседните држави со нивни авиони кога патуваме во заеднички делегации, изјави Томовски.
Тој откри дека од 2017 година досега за сервисирање на „Лирџетот“ се потрошени околу четири милиони евра, бидејќи не се произведуваат резервни делови, па се користат репарирани.
– Авионот има само шест седишта, што не е доволно за подолги патувања и делегации. Би ни требал поголем авион со најмалку 14 седишта, рече тој.
Според Томовски, претходната влада исто така била во напредна фаза на преговори за набавка на авион, но процесот го криела од јавноста. Сегашната влада, додава тој, ќе инсистира на транспарентност.
– Ќе ги извадиме на маса сите опции – лизинг, нов или половен авион. Сакаме да го допреговараме ова и со јавноста. Средствата ќе се предвидат во новиот буџет бидејќи во сегашниот тоа не е возможно, посочи Томовски.
Проценетата вредност за нов владин авион се движи од 20 до 50 милиони евра.

