
Владата го скрои Буџетот за 2026: Проектиран раст од 3,8%, дефицит од 3,5% и повеќе пари за плати и пензии
Владата го усвои предлог-буџетот за 2026 година, со кој се предвидува економски раст од 3,8 отсто, инфлација од 2,5 отсто и буџетски дефицит од 3,5 отсто од БДП.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, соопшти дека вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари (околу 6,1 милијарди евра), додека вкупните расходи се поставени на 413,9 милијарди денари (околу 6,7 милијарди евра).
Според тоа, дефицитот ќе изнесува 39,2 милијарди денари (637 милиони евра), што, како што истакна министерката, е за 0,5 процентни поени помалку од дефицитот планиран за оваа година.
Она што е забележливо во предлогот е што капиталните инвестиции се планирани на пониско ниво од 2025 година. За оваа намена се предвидени 40,5 милијарди денари (околу 650 милиони евра).
Во буџетот за 2026 година, според министерката, се проектирани 7 отсто повеќе пари за исплата на плати, додека за пензии се предвидени 9,7 отсто повеќе средства во споредба со оваа година.
Димитриеска Кочоска информираше дека дефицитот во буџетот ќе се финансира во комбинација од задолжување на домашниот и на странскиот пазар.
