
Високата старосна граница на судиите ќе ги испразни судниците
Недостигот на судии во македонските судови влијае на квалитетот на пресудите. Голем дел од судовите работат со помалку од една третина од предвидените судии. Тоа значи трипати повеќе работа за секој судија, трупање предмети, одолговлекување на пресудите. Ова е дел од заклучоците од анализата што ја направија дописниците на МИА во државата.
Судскиот совет неодамна распиша конкурс за вработување на 30 судии, но тоа не е ниту приближно до пополнување на бројката од испразнети 230 судски места на ниво на држава.
Според информациите од Судскиот совет, на објавениот оглас досега биле пријавени 13 кандидати.
– Интересот на кандидатите од Академијата за судии и јавни обвинители е првенствено во поголемите судови, пред се Основниот кривичен суд Скопје и Основниот граѓански суд Скопје, информираa од Судскиот совет.
Бројот на судии ќе се намалува пред се поради високата старосна граница и пензионирањето на голем дел од актуелните. Немањето стратегија од пред 10-тина години причина за таквата состојба
Доколку пред 10-тина години се направела анализа кој судија кога ќе оди во пензија и колку празни места ќе останат, а со тоа и да се создава кадар според потребите, македонските судови немаше да се соочат со актуелната состојба.
Оставени сами на себе претседателите на судовите се снаоѓаат и им помагаат на своите колеги во предметите со цел поквалитетно судство и да не трпат граѓаните.
Според претседателот на Основниот суд во Струга Ифет Бајрамоски, не била направена соодветна програма.
– Од 2010 година до сега пензионирани се 10 судии, а не е избран ниту еден. Значи не се направи соодветна стратегија, да се следи секој суд. Требаше да се земе предвид дека од 2010 до 2026 година во овој суд, од 15-те судии нема да остане ниту еден, истакна Бајрамоски.
Доколку не се изберат нови судии Струшкиот суд од идната 2024 година ќе остане само со еден судија.
– Проблемот е што во Акадмеијата за судии и јавни обвинители моментално има тројца слушатели од ова подрчаје. Тие ќе излезат во 2025 година во најдобар случај. Судскиот совет донесе одлука за пополнување четири судиски места за овој суд, меѓутоа од ова подрачје нема ниту еден со завршена обука за судија на Академијата, појасни Бајрамоски.
Судскиот совет за МИА потврди дека и за Основниот суд Струга е објавен оглас за избор на четири судии од редот на Академијата за судии и јавни обвинители, но дека немало пријавено кандидати.
– Секако дека Судскиот совет има Стратегија за пополнување на испразнетите места, секој координатор опредлен за следење на работата на судовите ја следи состојбата по однос на прилив на предмети, број на решени предмети, стари предмети, застарени предмети, остаток на предмети и слично. Се прават темелни анализи и се преземаат соодветни мерки, соопштија од Судскиот совет.