Вигенин: Политичарите во Скопје да се воздржат од изјави кои не водат кон решавање на проблемите
Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристијан Вигенин денеска ги повика властите и партиите во земјава да се воздржат од изјави кои не водат кон решавање на проблемите меѓу Северна Македонија и Бугарија.
– Ги повикуваме властите во Северна Македонија, како и водечките политичари и партии, да се воздржат од изјави и постапки кои не водат кон решавање на проблемите, туку до неприфатлива ескалација, која долгорочно може да го влоши дијалогот меѓу двете земји, изјави Вигенин, кој е потпретседател на Бугарската социјалистичка партија (БСП).
Тој најави дека неговата партија ќе инсистира за инцидентот од четвртокот во Охрид да бидат информирани Советот на Европа и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
– Настаните од последните денови во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија ја потврдуваат исправноста на ставот на БСП да не поддржи укинувањето на ветото за преговорите за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, изјави Вигенин на брифинг со новинарите, по одолжувањето на точката од дневниот ред на денешната седница на бугарското Собрание по која требаше да се расправа за односите на Софија со земјава.
Расправата, иницирана од националистичката партија Преродба и на собраниската Комисија за политики за Бугарите во странство, беше одложена затоа што на седница не дојде шефот на бугарската дипломатија Николај Милков, поради, како што беше соопштено, службено патување надвор од државата.