
ВИДЕО 83-годишна кумановка преживеала напад од осомничениот сериски убиец: „Додека ме давеше, измислив дека ми е синот дома!“
Серија настани што ги вознемирија жителите на кумановскиот регион повторно го отворија прашањето за безбедноста во руралните средини и навремената реакција на институциите. Во фокусот е случајот со 83-годишната Слободанка Арсовска од Куманово, која тврди дека пред шест месеци преживеала тежок напад во својата викендичка.
Според нејзиното сведоштво, инцидентот се случил на 22 јули минатата година околу еден часот по полноќ, кога осомничениот Т.Б. (25) од селото Драгоманце, општина Старо Нагоричане, влегол во објектот преку прозорец од купатило, откако претходно ја отстранил заштитната мрежа.
Иако, како што вели, го познавала од порано бидејќи често се движел низ селото, не очекувала дека ќе биде нападната. Во изјавата раскажува дека била фатена за врат и турната на земја, по што напаѓачот се обидел да ја задуши. Во моментот успеала да го измами со повик до синот за помош, по што тој побегнал. Од ударот изгубила свест и утредента контактирала со семејството.
Нејзината ќерка тврди дека пријавувањето во полиција било проследено со одредени тешкотии поради тогашни настани и затворени патишта во регионот. По интервенцијата, Слободанка била пренесена во болница каде ѝ биле констатирани повреди.
Семејството посочува дека подоцна пријавиле и дополнителни инциденти, вклучително и оштетување на имотот, и изразуваат загриженост дека навремена институционална реакција можела да спречи потешки последици во други случаи во регионот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, Т.Б. се сомничи за убиство на 78-годишна жена од селото Челопек, како и за повеќе кривични дела „тешка кражба“ на подрачјето на општина Старо Нагоричане. По известување на јавен обвинител, лицето е задржано во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
Основното јавно обвинителство Куманово отвори истрага со цел да утврди дали осомничениот е поврзан и со други случаи во регионот. Во рамки на истрагата се прибираат докази, а дел од материјалот е испратен на вештачење, вклучително и ДНК-материјал. Надлежните институции продолжуваат со постапките за целосно расчистување на случајот.
