Верфициран мандатот на новата пратеничка Даниела Стојановска – Пановска
Професорката во средно училиште Даниела Стојановска – Пановска од СДСМ е нова пратеничка во Собранието на Република Северна Македонија, чиј мандат и беше верифициран на денешното продолжение на 99-та пленарна седница.
Стојановска – Пановска, која беше следна од листата на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 3, доаѓа на местото на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, кој е именуван за амбасадор во Црна Гора. Мандатот на новата пратеничка беше констатиран на денешната 67.седница на Државната изборна комисија.
Пратениците во рамки на оваа седница треба да дискутираат и за Предлог на законот за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија (Договорот со ФРОНТЕКС).
На дневен ред е и дополнетиот предлог на закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, Предлог на одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина (мај 2023 година до ноември 2023 година), Предлог на законот за финансиската инспекција во јавниот сектор.
Пратениците ќе расправаат и за Граѓанската иницијатива за рапишување на референдум за донесување на закон за поништување на Законот за преобразба на Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за производство, пренос и дистрибуција на електрична енергија во државна сопственост („Службен весник на Република Македонија“ број 19/2004), преку овластениот предлагач Ѓорѓи Манасков, Предлог на законот за изменување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за гранична контрола, Предлог на Законот за младински додаток, по скратена постапка.
На дневен ред се и неколку барања за давање на автентично толкување на членови од закони.