
ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ ЗА ТЕТОВО: Се пушта водата во мрежата, но НИКАКО НЕ Е ЗА ПИЕЊЕ – ЈП „Шари“ апелира дека е заматена
Јавното претпријатие за водовод и канализација „Шари“ од Тетово вечерва упати итно и важно известување до сите граѓани.
Од претпријатието информираат дека во рок од еден час ќе започне пуштањето на вода во водоводната мрежа низ целиот град.
Сепак, ЈП „Шари“ нагласува дека водата во моментов е заматена и НЕ Е БЕЗБЕДНА ЗА ПИЕЊЕ.
Причина за оваа состојба се обилните врнежи од дожд кои продолжуваат и вечерва во регионот на Попова Шапка. Врнежите предизвикале заматување на водата директно на изворите на Шара.
Јавното претпријатие ги моли граѓаните водата да ја користат само за елементарни потреби, како што се одржување на хигиена и чистење.
„Анализите на водата ќе се вршат утре, по што граѓаните веднаш ќе бидат информирани за резултатите и за квалитетот на водата“, се вели во соопштението на ЈП „Шари“.
Од таму се заблагодарија до граѓаните за разбирањето и соработката.
