УАПСЕН МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО НА ХРВАТСКА: премиерот веднаш назначи нов човек да раководи со инситуцијата
Освен министерот, мета на истражителите се и неколку високи лекари, меѓу кои и директори на некои болници.
Хрватските медиуми јавија утрово дека е уапсен министерот за здравство Вили Берош, по што премиерот Андреј Пленковиќ свикал средба со коалициските партнери.
„Премиерот го разреши Вили Берош од министерската должност, и ја назначи д-р Ирена Хрстиќ за државен секретар која ќе раководи со Министерството за здравство до стапување на функцијата на новиот министер“, јавија медиумите во Хрватска.
„По 11 часот очекувајте медиумска конференција на премиерот“, соопштуваат од Владата. Во 13 часот прес конференција закажаа и од Државното обвинителство.
Еден од осомничените лекари е шефот на Клиниката за неврохирургија КБ Сестри на милосрдни проф. д-р. Крешимир Ротим.
Хина јави дека приведувањата се поради наводно набавка на дуални микроскопи за неврохирургија, што наводно биле преплатени, а меѓу уапсените е и Роти.
Припадници на хрватската Национална полициска канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал утрово организираа голема акција во која упаднаа и во домот на актуелниот министер за здравство Вили Берош.
Hrvatska policija upala u kuću ministra zdravlja, hrvatski mediji javljaju da je Vili Beroš uhapšen https://t.co/wVZJJau5gA #nedeljniknin
— НИН (@NedeljnikNIN) November 15, 2024
На адресата на министерот за здравство Вили Берош, како што објави Јутарњи лист, дошле со наредби за претрес.
Според првичните информации, истражителите освен министерот, цел се и неколку лекари, меѓу кои и директори на болници.
Канцеларија за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК) соопшти дека „приведувањата и спроведувањето на итните доказни дејствија се резултат на истрагите што претходно ги спроведе УСКОК“.
„Наведените дејствија се вршат на подрачјето на Загреб и Скрадин во врска со повеќе лица, од кои едното е висок државен функционер, а за кои постои основано сомнение дека сториле коруптивни кривични дела.
По распитот на осомничените УСКОК ќе донесе одлука за понатамошно постапување по предметниот случај за што благовремено ќе ја информира јавноста“.
Фото: Принтскрин/Твитер