ТРЕНЧЕВСКА: Имаме буџет кој единствено ги задоволува потребите на 24 министри и нивните кабинети
Заврши вториот ден од комисиската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година.
Власта и опозицијата се со различни гледишта за буџетот. Пратеничката од СДСМ Јована Тренчевска, на денешната седница на собраниската комисија за финансирање и буџет изјави дека овој буџет кој „тежи“ 6,5 милијарди евра, е „нереален, нималку развоен, туку трошковен, недомаќински, предизборен и најважно од се невизионерски, неинвентиен и буџет на нови долгови и нова изгубена година за економијата и граѓаните“.
„Имаме буџет кој единствено ги задоволува потребите на 24 министри и нивните кабинети, но не и на граѓаните. Имаме буџет во кој не се приоритет граѓаните, особено ранливата категорија граѓани. Ако го погледнеме буџетот на министерството за социјална политика, демографија и млади сето тоа се потврдува“, рече Тренчевска.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Златко Пенков нагласи дека Владата со буџетот за следната година применува нов концепт.
„Основниот постулат е забрзан економски раст, пред се како резултат на реализација на крупни инфраструктурни проекти, проектите во единиците на локалната самоуправа како и странските директни инвестиции. Според мене три клучни збора кои мора да ги знаеме а тоа се растот, реализацијата и развојот“, вели Пенков.
Пенков нагласи дека доколку се направи сублимат од овие три клучни зборови се добива, раст на бруто домашниот производ преку реализација на владините програми за забрзан развој на државата.
фото принтскрин