
Трамп за авионот кој го добие како подарок: Корумпираните демократи сакаат да платиме за бесплатен авион
Владата на американскиот претседател Доналд Трамп има намера да прифати авион „Боинг 747-8“ како подарок од катарското кралско семејство, кој би послужил како претседателски авион „Ер Форс Уан“, изјави за „Ројтерс“ извор запознаен со прашањето.
Тој луксузен авион би бил еден од највредните подароци што владата на САД некогаш ги добила. Новиот комерцијален 747-8 чини приближно 400 милиони долари.
Трамп се чини дека е подготвен да го прифати подарокот од Катар. Во неделата, тој на социјалните мрежи рече:
„Значи, фактот дека Министерството за одбрана добива бесплатен авион 747 што привремено ќе го замени 40-годишниот Ер Форс Уан, во многу јавна и транспарентна трансакција, толку многу ги вознемирува корумпираните демократи што инсистираат ние да платиме, со највисока цена, за авионот. Демократите се губитници од светска класа!!!“.
Демократите и многу експерти велат дека е неетички и веројатно неуставно да се прифати таков подарок.
Според достапните информации, луксузниот Боинг 747-8 што катарското кралско семејство планира да му го подари на претседателот Доналд Трамп е познат по својот раскошен ентериер, вклучувајќи ѕидови во златна боја и позлатен мебел. Авионот е опремен со спална соба, салони, конференциски сали, мермерни бањи и големо скалиште.