Трајанов: Ахмети се бореше за Амандманот 6 од Уставот, сега не го почитува
Одговорноста паѓа на премиерот Димитар Ковачевски дали ќе ги почитува основните постулати на оваа држава, ќе води сметка за нашите национални, државни, долгорочни и стратешки интереси. Тоа значи дека Владата мора да води сметка за сите аспекти вклучително дали е можно да се нарушат меѓуетничките односи кои засега се добри.
Ова го истакна претседателот на Демократскиот сојуз (ДС) и пратеник во Собранието, Павле Трајанов во интервју за МИА. Во однос на најавата за реконструкција на владиниот Кабинет со влез на Алијансата на Албанците во Владата и а тоа кои партии треба да отстапат министерски место, Трајанов вели дека ДС не е оптоварен со тоа кој ќе биде носител на јавна функција, туку дека треба да се почитуваат принципите претворени во законски или уставни решенија. Според него, проблемот е во тоа што оние кои по воениот конфликт пред дваесет години преку Охридскиот договор издејствува правична застапеност, сега не го почитуваат тоа решение.
– Проблем е во тоа што Охридскиот рамковен договор којшто условно да кажам го издејствува тогаш УЧК, ОНА, каде што еден од воените или политички водачи беше Али Ахмети, сега не го почитуваат тоа решение во Договорот, а уште помалку уставната одредба, Амандманот 6 од Уставот, каде што се инсистира на соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта и во другите институции. Натаму не се почитува, исто така, и правилото на Бадентер, не се почитува балансерот, соодветна правична застапеност на сите етнички заедници… и мораше да се реагира, бидејќи стабилноста на една држава зависи од тоа дали ќе се почитуваат принципите, договорените принципи преточени во законски договорени или уставни решенија. Затоа мислам дека оваа тема е добро што се отвора во јавноста, порача Трајанов.
Тој истакна дека не се оптоварен дали Албанец, Македонец, Србин или друг ќе биде носител на јавната функција, но, како што вели, проблем е што партиите од албанскиот политички блок се декларираат како етнички и дека тие ги застапуваат автентичните интереси на албанската заедница.
– Ако е така, треба соодветно да бидат застапени и другите заедници. Македонците како мнозински народ, како конституенти на македонската држава, се разбира не го намалувам влијанието и на другите делови од народи, сега да бидат во малцинство. Натаму, не се застапени соодветно и другите помали етнички заедници, турската, српската, влашката, ромската. Ова сега што се манифестира околу тоа кој се ќе влезе во Владата, не се работи за некаков албански блок. Тие првенствено тргнуваат од партиските интереси, интересите на лидерите да бидат дел од власта. Веројатно имаат за тоа причини зошто, вели Трајанов.
Тој смета дека прашањето што се отвори за влез на Алијансата во Владата и дека тоа ќе биде на сметка на дополнителни отстапки на министерства, создало „негативно ехо во јавноста“.
– Има многу коментари, има незадоволство. Сето тоа ќе се рефлектира и на поширок план. И друга работа, ако сега се направи овој преседан во уште позаострена, форма како ќе се разрешуваат понатаму проблемите или рефлексиите од ваквата композиција на власта. Претпоставка, хипотетички да речеме, е дека партија со мнозинство македонски поддржувачи ќе има 61 пратеник. Дали ќе има реакција од албанскиот политички блок, од господинот Ахмети, од другите, зошто не се вклучат Албанците, како еве поголема етничка заедница во власта. Дали ќе може тогаш и дали ќе остане тогаш пасивна ЕУ, другите носители на високи позиции во ЕУ, нашите стратешки партнери… Каква ќе биде нивната реакција. Значи се работи за принципи кои не сакаат да ги почитуваат тогаш кога не им одговара, вели Трајанов.
Тој очекува дека ова прашање кое тие го отвориле, како и со силна медиумска поддршка, ќе се направи корекција во ставовите на СДСМ, затоа што, како што вели, не може така лесно да се поставуваат работите коишто директно го нарушуваат принципот на соодветна и правична застапеност, бидејќи кохезијата на државата, меѓу другото и внатрешната кохезија, зависи од сите овие работи како се поставуваат.
– Не е државничко однесување ако мислите дека вие ќе го проширите парламентарното мнозинство со тоа што ќе вклучувате дополнително повеќе партии од една помала етничка заедница во однос на мнозинскиот народ, а ќе го маргинализирате македонскиот народ. Значи јас не сакам да зборувам за вакви поделби, но ние така сме конституирани како држава и мораме тоа да го респектираме, ако сакаме да имаме, условно да кажеме, мир во куќата, потенцира Трајанов.