Таткото на Надица: Чекаме резултати од токсиколошките анализи за нашите деца!
Александар Наунов, татко на Надица, која загина во трагедијата, денеска се обрати пред Судската медицина, по неколкуте претходни барања од Судска медицина на протестите организирани во Кочани.
„Добар ден. Предходните два марша баравме од Судска медицина да дознаеме дали се направени сите токсиколошки анализи за нашите починати деца, но тоа не ни беше одговорено. Затоа денеска дојдовме, бидејќи им дадовме рок од три дена“, рече Наунов.
Тој објасни дека од институцијата добиле потврда дека анализите се извршени и дека резултатите се доставени до Обвинителството.
„Ни беше кажано дека се направени сите токсиколошки анализи и дека ќе чекаме судот да се изјасни. Не добивме конкретни информации за резултатите, бидејќи тоа мора да се изведе пред судот“, додаде Наунов.
Таткото потенцираше дека им веруваат на Судската медицина и дека ќе го почитуваат процесот на судско вештачење.
„Ќе го чекаме рочиштето со нетрпение за да ја слушнеме вистината за нашите деца. Сè што ќе се изведува ќе биде преку Судска медицина“, изјави тој.
Наунов подвлече дека нивната цел е да ја дознаат вистината и да се обезбеди правична постапка за семејствата на жртвите. Родителите и понатаму остануваат истрајни во барањето транспарентност и одговорност од надлежните институции.