СВЕТОТ ГО ТРЕСАТ ОТПУШТАЊА КАЈ ТЕХНОЛОШКИТЕ ГИГАНТИ, ЗАГРОЗЕНИ ЛИ СЕ И НАШИТЕ ИНФОРМАТИЧАРИ – засега топ не ги бие, но профилирање секако ќе мора да има
Во
последниве неколку месеци светот го тресат сериозни отпуштања од големите
технолошки компании. Според она што го јавуваат светските медиуми,
минатата година од тој сектор без работа останаа речиси
100.000 луѓе, но бранот,
се чини, нема
тука да запре.Во последнивенеколку месеци, технолошките компании
отпуштија илјадници вработени, почнувајќи од Мета и Твитер, преку Амазон, Мајкрософт, Гугл...
Токму една компанија што беше своевидна
империја во дигиталниот свет, доживеа еден од најголемите „работнички потопи“,
а тоа е онаа на Марк Цукерберг, кога дури 11.000 работници останаа без работа во
еден ден.Твитер изгуби огромен дел од својата работна
сила. Исто така, имаше и бизарни информации од типот дека Мајкрософт, на
пример, прво организираше забава за своите вработени, а веднаш потоа најави
отпуштања. Како
што информирашеБлумберг
пред неколку дена, Мајкрософт објави прекин на уште 10.000 работни места, а за
тоа се подготвува и Амазон.
Според податоците на
Челинџер, технолошката индустрија има раст од 649 отсто на
најавените кратења на работни места во минатата година, со вкупно 97.171 отпуштени луѓе, што е најмногу од падот на dot-com пред повеќе од две децении. Што е најтрагично, изгледа дека оваа година нема
да биде ништо подобра. Дури, отпуштањата се случуваат и преку мејлови и во
текот на ноќта, па кога ќе се разбудите, ќе имате што да видите.
Експертите разработуваа повеќе причини зошто
дојде до овој дебакл, вперувајќи го прстот во премногу оптимистичките проекции
за оваа индустрија, но и фактот што корона пандемијата многу луѓе доведе во
заблуда, во смисла дека интернет комуникацијата може да ја замени реалната.
Што, пак, се покажа како не сосема точно.
Она што за нас овде е интересно за опсервација, е дали
ваквите светски потреси можат да го погодат нашиот ИТ пазар, но и воопшто дејноста
на луѓето што се ангажирани во дигиталниот свет. Знаеме дека многу наши
информатичари работат за странски компании, остварувајќи овде повеќе од одлични
плати и заработки, нешто што е мислена именка за многу други индустрии, но дали
и до кога ќе трае медениот период. Може ли светските технолошки земјотреси да
предизвикаат цунами на македонскиот пазар?
Ако тргнеме од бројките,
барем со оние со кои располагаме, а тоа се тие на Државниот завод за
статистика, нашите информатичарти засега „топ не ги бие“, барем според висината
на нивните месечни примања.
Па така, според најновите бројки за ноември кои државната
статистика ги испорача вчера, луѓето што работат во дејноста комјутерско
програмирање, консултантски и сродни дејности, во тој месец земале просечна
плата од 84.019 денари, или одлични 1.366 евра. Што е повеќе од двојно поголема
плата од просекот на сите вработени во државава. И, ова е само просекот на
информатичарите, каде што влегуваат и почетниците кои уште не завршиле
факултет, и за кои некои од газдите велат дека „добар ден не кажуваат без
понуда од илјада евра“.
Ноемвриската плата, пак,
била за 0,5 отсто повисока од онаа што ИТ луѓето ја земале во претходниот
месец, односно во октомври лани, кога таа изнесувала 83.569 денари.
Што значи дека барем според
платите, овој сектор засега е имун на стресови.
Но, познавачите на приликите во земјава велат дека не
толку поради глобалните случувања кај технолошките гиганти, туку и поради
презаситеноста која се случи на нашиот пазар, сепак и кај нас во следниот
период ќе мора да дојде до одредено профилирање на тој ИТ пазар.
„Македонија е мала
економија. Потресите кај технолошките гиганти во светот не можат толку силно да
се одразат. Многу повеќе тие ќе се почувствуваат на пример во Индија, Пакистан,
Украина, пазар кој имаше броен кадар во тој дел, особено во делот на
маркетингот“, вели еден познавач на приликите за Фактор.
Сепак, како што додава, ако
кај нас има околу три до пет илјади регистрирани информатичари, не е дека тие
би останале „нечепнати“. Можеби, од 11.000 луѓе што биле отпуштени од МЕТА,
неколкумина да се и од земјава, но многу повеќе се од големите пазари на труд,
објаснува нашиот соговорник.
Тој нагласува дека сепак на
нашиот ИТ пазар ќе мора да се случи одредено проветрување, од кое, како што
нагласува, нема да настрадаат оние здраво образованите, стручните и професионалните,
или подобро кажано, етаблиранирте.
„За нив ќе нема зима. Но, мора да бидеме искрени и да
кажеме дека во последниве години како ИТ кадар почнаа да се претставуваат и да
го работат тоа луѓе со неколкумесечни курсеви, кои се од други струки. Тоа се
луѓе без она потребно ИТ покритие, што може веќе да го презасити пазарот. Особено
сметам дека тука може да ‘настрадаат’ оние кои се сметаат како дополнителни
дејности во таа ИТ индустрија, разни дигитални или фејсбук директори, што значи
не оној чисто програмерскиот, туку оној, ајде да кажеме напумпан дел, луѓе кои
први би морале да заминат во време на криза“, го кажува своето лично мислење
нашиот соговорник.
Н.Н.Ф.