
Судот му одреди куќен притвор на Артан Груби
По доставениот предлог од јавниот обвинител и одбраната, Основниот кривичен суд во Скопје донесе одлука со која се менува претходно определената мерка за осомничениот Артан Груби.
Судија на претходна постапка, по негово произнесување во судот, го прифати предлогот за определување мерка куќен притвор, дополнета со мерки за обезбедување присуство. Одлуката следува по претходните постапки поврзани со неговото спроведување и сослушување пред надлежен јавен обвинител.
Во текот на денот, одбраната достави предлог за замена на мерката притвор со поблага мерка, кој беше разгледан од надлежното обвинителство. По писмено позитивно мислење од Јавното обвинителство и изнесен став на расправата, судот одлучи да ја замени мерката притвор со куќен притвор со 24-часовен надзор, кој ќе го спроведува Министерството за внатрешни работи.
Дополнително, на осомничениот му е изречена мерка за претпазливост – одземање на патната исправа и забрана за издавање друг документ за преминување на државната граница.
