Судот ја затвори најстарата организација за човекови права во Русија
Московската Хелсиншка група, најстарата организација за човекови права во Русија, денеска е затворена откако Судот пресуди дека не е соодветно регистрирана.
Групата, основана во 1976 година од советски дисиденти, објавуваше годишни извештаи за човековите права во Русија и беше една од ретките преостанати независни организации за човекови права во земјата, по затворањето на организацијата „Меморијал“ што во 2021 година беше лауреат на Нобелова награда.
Руското Министерство за правда минатиот месец поднесе тужба против Московската Хелсиншка група, тврдејќи дека е регистрирана само за заштита на човековите права во Москва, а не и во останатите делови на земјата, што групата го отфрли како глупост.
Копретседателот на групата, Валериј Боршов, денеска пред Судот и претставниците на Министерството изјави дека затворањето на групата ќе стави крај на повеќедецениска работа на нејзините активисти.
„Правите голем грев. Уништувате движење за човекови права, уништувате“, рече тој.
Од почетокот на инвазијата на Украина во февруари минатата година, рускиот претседател Владимир Путин се повеќе ги задушува гласовите на отпор во општеството, без разлика дали се независни медиуми, невладини организации за човекови права или политички противници.
Путин има свој Совет за човекови права.