
Стојановиќ: Трениравме добро, но нема да си ставаме товар со очекувања!
Македонија нема да најавува високи дострели, прво затоа што нема искуство од квалитетни, големи натпреварувања, а второ затоа што е хендикапирана со отсуството на единствениот десен бек, Димитар Узунчев од Мулти есенс. Оттука, во натпреварите ќе влегуваат со цел да одиграат што подобро и, ако можат, да остварат добар резултат, а пласамнот во втората, главна рунда е во втор план.
„Moжам слободно да кажам дека сме задоволни од пристапот на играчите, беа многу професионални, макотрпно тренираа. Подготвени сме за овој Мундијал, иако ни е првпат со оваа генерација. Ќе следуваат и многу други, в година сме и на Европско. Не смееме таков товар да им даваме на овие деца, ние лани бевме на Б-шампионат, тие немаат почувствувано таков товар од вакви натпреварувања. Морам да напоменам дека хендикеп ни е повредата на Димитар Узунчев. Доколку тој беше присутен секако дека и играчите и ние како раководство ќе се стремевме кон подобар пласман, а вака сме приземјени. Ќе дадеме се од себе, за нас секоја победа ќе биде успех, бидејќи со секоја победа децата ќе растат и ќе добијат искуство, така што оваа генерација, јас ви ветувам дека во наредната година-две би можеле да постигнеме некој успех, но сега е многу рано да ѝ го поставиме тој товар на оваа генерација“, вели Стојановиќ.
Македонија е во групата Ф, во Риека, со Норвешка, Црна Гора и со Грузија, а првите две места обезбедуваат пласман во главната фаза. Почнуваме со Норвешка на 2 август, потоа со Црногорците на 4 август и наредниот ден со Грузија.

