
Старо и младо на дијзепам – Ни се заканува ли епидемија на зависност од седативи?
Јавната дебата за употребата на дијазепамот кај Македонците и натаму во фокусот, по шокантните податоци дека е навистина употребуван лек кај нас.
– Како е можно во една година да се продадени над 1.300.000 кутии дијазепам во земјава? (Едит: ова била бројката издадена на рецепт, а во реалност е веројатно 2,5 пати поголема!) – праша професорката Тамара Јованов преку објава на својот фејсбук профил.
Доктор Ненад Лазаров, пак, праша, зошто лекарите го препишуваат овој лек „како бонбони“?
– Зошто лекарите ги препишуваат ко бонбони? Некој ја почнал праксава, сега ги гледаме последиците. Ова е масовно дрогирање, буквално. Зарем не е подобро престој во природа да им се препише на луѓето, наместо да се прават зомбија? Смеат ли аптеките да го продаваат без рецепт? Ако да, зошто? Ова е чисто лудило, а бидејќие на некој начин дозволено, луѓето ќе си мислат дека е во ред, дека нема ништо погрешно, напиша познатиот доктор.
Ставовите поделени околу заканата од епидемија на зависност од седативи.
– Општеството како организирана целина се грижи поединецот да биде функционален …. ако овие медикаменти помагаат во тоа, тие се прифатливи и дозволени … „Престој во природа“ да се препишел… ако добијам паничен напад на сред вршење на работната должност или пред важен состанок – кај ќе барам планина тогаш? Апчињата се смислени од луѓе за луѓе и не гледам ништо лошо во нивното користење, доколку помагаат да се осеќам подобро… – вели еден граѓанин.
– Медицинарите и Министерството треба да си ја сватат сериозно работата, не само за оваа епидемија на зависност од седативи, туку за сѐ друго. Оти проблемите ќе треба да се решат еден ден освен ако не чекаат да се пензионираат, па на некој друг да остават, а со секој ден проблемите во нивната сфера се сѐ подлабоки и сѐ потешки за решавање. Запрепастува нивната несериозност и незаинтересиранист кон сѐ што е нивна работа. Една дискусија дали ќе направат на оваа тема, ептен ме интересира? Срамота колку сѐ минува, а никој не чувствува никаква одговорност. Веројатно заради дијазепамот е или? – вели друг.
– Посетите кај психилог за многу луѓе се прескапи а многу и не се толку упатени, прво да се проба со когнитивна бихејвиорална терапија и некој фитопрепарат на време, поготово кај млади луѓе, очигледно најлесно и најдостапно е дијазепам за жал, вели една млада жена.
Доктор Драган Даниловски проблемот го лоцира кај ниското ниво на медицински знаења и ниско ниво на професионална етика, поради што дијазепамите често се злоупотребуваат.
Како што вели тој, потребна е епидемиолошка анализа (проект) на т.н. фактори на ризик асоцирани со настанувањето и специфичните дистрибуции на испитуваната масовна појава, во случајот масовната употреба на дијзепамите.

