Србија веќе плаќа затоа што не воведе санкции за Русија, тврди Хил
Aмериканскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил вели дека Србија веќе плаќа „превисока цена” за тоа што избегнува воведување санкции кон Русија поради инвазијата на Украина.
За тоа колку е реално Брисел да воведе санкции кон Белград доколку Србија не прифати нов европски предлог за решение на косовското прашање, американскиот амбасадор додаде дека не е во позиција да зборува за можни санкции. Сепак, вели дека ЕУ е сериозна во врска со санкциите што ги применува меѓународната заедница.
Хил додаде дека САД „стопроцентно го поддржуваат предлогот на ЕУ за Косово” и дека има напредок благодарение на големите напори што Европејците ги направија. Наведе дека 20 години сите се оптоварени со косовското прашање.
„Фер е да се каже дека тоа е процес, не е завршен додека не заврши“, рече Хил.
Предлогот на ЕУ за косовското прашање го поддржуваат Германија, Франција, Италија и САД.