Според Калајџиев незаконито е однесувањето на Ј.О. во случајот против д-р Митрев и укажува на монтиран процес
На последното рочиште кое се одржа на 15 ноември, обвинителката во судскиот процес против Клиниката Жан Митрев и д-р Митрев, Искра Хаџи Василева според стручната јавност стори повреди на одредбите од Законот за кривична постапка, оддавајќи тајна и влијаејќи врз исказите на сведоците. Во текот на предистражната постапка, обвинителката Хаџи Василева им ја прочитала јавно Наредбата за истражна постапка на 30-40 сведоци собрани во една просторија, како што сведочеше сведокот на последното рочиште, Томислав Георгиевски и потоа во присуство на сите останати сведоци му земала исказ кој бил даден по претходно укажување на обвинителката што го навело да се чувствува измамен и оштетен.
За професорот Калајџиев ваквата постапка на Ј.О. не е ниту законита, ниту пак професионална за да им сугерира на сведоците дека се измамени односно жртви и оштетени, а уште помалку да сугерира што да изјават пред судот, изјави тој по завршување на рочиштето, коментирајќи ги последните случувања во судскиот процес против Клиника Жан Митрев и д-р Митрев.
„Тезата на обвинителството треба да произлезе од изјавите на сведоците а не обратно! Ова укажува на сериозна опасност дека процесот е монтиран. Битно е и тоа дека сведоците односно пациентите, најчесто немале никаков директен контакт со докторот а тврдат дека лично ги измамил“, вели Калајџиев.
Слична е ситуацијата и со сведокот кој ја тужи болницата затоа што брат ѝ починал во друга приватна клиника. Сестрата тужител на рочиштето се појави со примерок од изјавата дадена пред обвинителството којашто сакала да ја чита. По поднесениот приговор од страна на одбраната на Клиника Жан Митрев, судот и ја одзема писмената изјава, но загрижувачки е што и покрај тоа што ова претставува насилно кршење на одредбите од Законот за кривична постапка, за обвинителката Василева нема ништо спорно во ваквата постапка.
Дека целиот судски процес што се води против д-р Митрев и неговата клиника е со многу нелогичности и контроверзии, говори и фактот дека сестрата на починатиот брат, во случајов тужител има оштетно побарување од Клиника Жан Митрев, иако пациентот по претходно болничко лекување во Клиника Жан Митрев, бил префрлен во друга приватна клиника каде по две недели лекување и примена на ЕКМО метода на прочистување на крвта, пациентот починал.
„Каде почина вашиот брат?, праша одбраната.
-Во друга приватна клиника.
Таму беше лекуван?
-Да.
Оштета барате само од Жан Митрев или и од другата приватна клиника?
-Само од Жан Митрев.“, обраната испрашуваше а сведокот одговараше на последното судско рочиште.
Но, покрај неоснованите обвиненија врз кои се темели целото обвинение покренато од Јавното обвинителство, доктор Жан Митрев се соочува и со закани и тортура во изминатиот период, потврди одбраната на д-р Митрев, посочувајќи ја и сестрата на починатиот брат која на последното рочиште лично потврди дека испратила СМС со заканувачка содржина против д-р Жан Митрев на докторка од Клиника Жан Митрев.
Сведочењата на последното рочиште, како и претходните искази на главните сведоци, сериозно го разнишаа обвинението против Клиника Жан Митрев и кардиохирургот д-р Митрев. Главниот сведок во обвинението, Мелита Брезева во своето сведочење изјави дека нејзиниот сопруг Никола Брезев самиот барал хемофилтрација, но првично бил одбиен од докторскиот конзилиум на Клиника Жан Митрев, а по направената прва хемофилтрација, пациентот бил негативен на ковид тест. Дополнително, на тужителот му биле вратени средства од депонираните и тоа за пет члена од истото семејство што се лечеле во Клиника Жан Митрев.
Сите сведоци кои досега сведочеа, имаат оштетни побарувања од Клиника Жан Митрев. Следното рочиште против Клиника Жан Митрев и д-р Митрев е закажано за 15 декември.