Според Антикорупциска, има неправилности во доделената концесија за индустриската зона во Тетово
Актуелниот концесионер на Индустриската зона во Тетово ја добил незаконски, според прегледот на документите од Државната комисија за спречување на корупција. Од таму велат дека се затекнати низа неправилности. Според Катица Николовска, при анализата на документите на Владата, државното правобранителство и другите надлежни институции, податоците не се поклопувале.
„Се појавија индиции дека одлуката за доделување на договорот за ТИРЗ во Тетово за сегашниот корисник е донесена во ситуација кога имало конфликт на интереси од страна на лицето кое учествувало во донесувањето на одлуката како член на управен одбор и член на комисијата, понатаму дека записникот за изборот на концесионерот, доставен на одобрување до Владата, е различен од записникот што го подготвила комисијата што постапувала, дека членовите потпишани во едниот записник, во другиот не се совпаѓаат“, изјави Николовска од Антикорупциска.
Николовска вели дека актуелниот корисник на ТИРЗ и самиот учествувал во измената на законот за концесии, што покажува дека се создадени одредби кои даваат повластени можности за добивање на концесијата. Таа додава дека Законот кој го составуваат лица со судир на интереси со влијание и лобирање, доведува до кршење на Законот за спречување на корупција и судир на интереси. Од Антикорупциска велат дека незаконски е и договорот за концесискиот период на индустриската зона во Тетово.
„Законот за концесии предвидува максимална искористеност во период од 35 години, ова е договор за 97 години, односно доживотен. Ќе побараме од Владата прво да го коригира договорот за рокот на користење и ќе видиме како понатаму ќе постапат другите институции“, додаде таа.
Од Антикорупциска предупредуваат дека доказите ќе ги достават до Владата, државното правобранителство и до обвинителството и очекуваат од таму да постапат. Николовска вели дека Обвинителството мора да одлучи дали ќе постапи по фалсификување на документи, додека државниот правобранител да ги потврди доказите и да одлучи дали ќе го раскине договорот со концесионерот.