Синдикатот бара вонреден инспекциски надзор за доцнењето на платите на вработените во Општина Тетово
Независниот синдикат за државна администрација информира дека денеска поднеле барање до Државниот инспекторат за труд да направи вонреден надзор во Општина Тетово бидејќи локалната самоуправа сè уште нема исплатено плата за декември. Плата не добиле вработените во општината како и пожарникарите.
-Поднесовме барање за вршење на вонреден инспекциски надзор до Државен трудов инспекторат, а со цел констатирање на неправилности на правата од работен однос а се однесуваат за плата и додатоци од плата, за декември 2022, а треба да се исплати до 15 јануари. Денеска е веќе 26 јануари, не е исплатена платата и ние како Синдикат реагиравме и го поднесовме овој акт, информираше денеска Горан Ристески, претседател на Независниот синдикат за државна администрација.
Од синдикатот велат дека иако барале не добиле одговор од општина Тетово за состојбата и затоа го поднеле овој поднесок.
-На неколку пати се обидов да разговарам со овластени лица од општината, а со цел да ја видиме која е причината поради која не е исплатена платата за месец декември во јануари месец. Не најдов на разбирање односно никој не се одзва ниту за состанок ниту пак да ни објасни за причините за истото. Ако нема исплата на плата ќе има протести од членовите на синдикатот вработени во Територијалната противпожарна единица во Тетово, изјави Ристески.
МИА побара одговор од Општина Тетово за состојбата преку електронска пошта, но од таму не добивме објаснување на што се должи доцнењето на платите и кога ќе има исплата.