
Што вели Рама за заканите на Грција дека можат да ги блокираат евроинтеграциите на Албанија?
Грција се заканува дека ќе ги блокира евроинтеграциите на Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама за случајот „Белери“ и заканите на грчките функционери за блокирање средства од ЕУ и евроинтеграциите, изјави дека е „многу горд на она што досега го направила земјата во однос на реформите во правосудството и дека нема шанси и место за закани“.
„Нашиот став беше, е и ќе биде, дека правдата мора да си ја заврши својата должност. Во овој момент, ништо не е поважно од истиот начин на заштита на активноста на правосудниот систем. Така што секое мешање од каде и да доаѓа, нема да ја има нашата поддршка. Не интервенираме и не коментираме за одлуките на новите органи на правдата и не очекуваме ништо освен спроведување на законот. Другите можат да кажат што сакаат“, рече Рама.
Случајот „Белери“, се oднесува на Фреди Белери, реизбраниот градоначалник на приморското гратче Химара, кој под сомнение за изборна корупција, беше уапсен два дена пред локалните избори, што се одржаа на 14 мај. Сите барања за промена на затворскиот со домашен притвор, за да може да даде заклетва како градоначалник, му се отфрлени, а деновиве неговиот адвокат најави жалба во Стразбур.
Грчките власти тврдат дека тој неосновано е обвинет и е во притвор. Тие бараат негово ослободување, условувајќи ја Албанија со евроинтегративните процеси и европските фондови. На протест во Химара, каде живеат припадници на грчкото малцинство, на кое му припаѓа и Белери, се обратија и градоначалниците на Атина и Солун, кои го повторија ставот на официјална Атина.
Случајот доведе до заладување на односите меѓу Рама и неговиот грчки колега, Мицотакис, кој не го покани и на неформална вечера со лидерите од Западен Балкан што се одржа во Атина. Покана имаше шефот на државата Бајрам Бегај, но тој истата не ја прифати поради „претходно утврдена агенда“.
