
Седум загинати и 30 повредени во Русија: Патнички воз удри во урнат мост, се сомнева на саботажа
Најмалку седум лица загинаа, а 30 се повредени откако синоќа патнички воз излета од шините во рускиот Брјански регион, откако дел од мост се урнал врз композицијата. Според Руските железници, мостот бил оштетен како резултат на „нелегално мешање“.
Инцидентот се случил во Вигоничкиот округ, на околу сто километри од границата со Украина. Возот сообраќал на релација Климов – Москва. Руските државни медиуми јавуваат дека делови од мостот паднале директно врз вагоните.
Гувернерот на регионот, Александар Богомаз, потврди дека меѓу повредените има и две деца. Тој изјави дека итните служби се на терен и дека се прави сè за жртвите да добијат соодветна помош.
Руската Телеграм мрежа „База“, позната по информации од безбедносните служби, без да презентира докази, објави дека мостот бил кренат во воздух. Агенцијата Ројтерс нагласува дека овие тврдења не можат независно да се потврдат.
Од почетокот на војната во Украина, регионот Брјанск, како и Курск и Белгород, се честа мета на прекугранични гранатирања, напади со дронови и саботажи, за кои Москва ја обвинува Киев.
Снимки од местото на несреќата покажуваат патнички вагони распарчени меѓу урнатини од бетон. Други видеа на социјалните мрежи покажуваат возила кои за малку избегнале да преминат преку мостот во моментот на уривање.