Сѐ помалку млади, сѐ повеќе стари во Македонија – алармантни бројки од новиот извештај
Земјава се соочува со сериозен демографски пресврт кој носи долгорочни последици за економијата и општеството, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија. Анализите укажуваат на јасен тренд на стареење на населението, при што се намалува бројот на млади и работоспособни граѓани.
Во периодот од 2014 до 2023 година, бројот на лица постари од 65 години се зголемил од 259.000 на 327.000, додека кај децата до 14 години е забележан пад од 349.000 на 306.000. Намалување има и кај населението на возраст од 15 до 64 години, кое од 1,461 милион се намалило на 1,195 милиони.
Паралелно со овие трендови, расте и просечната старост на населението, која од 32,3 години во 2000 година достигнала 41,8 години во 2024 година.
Ревизорите оценуваат дека досегашните мерки не се доволни за справување со ваквите трендови, особено на среден и долг рок. Според проекциите, до 2055 година уделот на населението над 65 години може да надмине 34 проценти, додека работоспособната популација би се намалила за речиси половина милион лица.
Во извештајот се посочува дека демографските промени не се резултат само на природно стареење, туку и на миграциските движења. Недостатокот на прецизни податоци за иселувањето и доселувањето дополнително ја отежнува точната проценка на состојбата, но се нагласува дека искуствата од други земји покажуваат засилена емиграција во периоди на евроинтеграциски процеси.
Ревизијата заклучува дека демографските предизвици веќе имаат пошироко влијание, не само врз социјалната сфера, туку и врз пазарот на труд, јавните финансии и одржливоста на државните системи во иднина.