Разбиена нарко мрежа, Јанев: Повеќедецениски наркобосови веќе не се на слобода
Вчерашната координирана полициска акција, во која беа приведени повеќедецениски наркобосови, претставува дел од поширока и системска офанзива против организираниот криминал што со години се развивал во државата. Ова го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, нагласувајќи дека станува збор за резултат на синхронизирана акција иницирана од СВР Струмица.
Во рамки на акцијата, лишени од слобода се седум лица, а разбиена е организирана криминална група вмешана во нелегална трговија со дрога. Според Јанев, дел од клучните структури на нарко подземјето повеќе не се на слобода, а мрежата што функционирала повеќе од две децении конечно е ставена под контрола.
„Ова не е изолиран случај, туку резултат на сериозна и координирана работа. За жал, со години никој не се обидел да се спротивстави на овие структури, но сега тоа се менува“, изјави Јанев.
Тој додаде дека редовите во полицијата се консолидирани, а протекувањето на информации, кое претходно претставувало проблем, е надминато. Според него, ваквите резултати се доказ дека институциите можат ефикасно да функционираат кога постои јасна волја и решителност.
Во акцијата се уапсени четири лица од Струмица, две од Скопје и едно од Штип, а извршени се претреси на вкупно 15 локации. При претресите се запленети дрога, оружје, муниција, седум возила, мобилни телефони и значителна сума на пари.
Според неофицијални информации, меѓу приведените има и лица познати на органите на прогонот, поврзани со меѓународна трговија со кокаин. Дел од нив веќе издржувале затворски казни во странство, а некои биле апсени во повеќе европски земји.
Се сомнева дека кокаинот потекнувал од скопската населба Грчец, од каде преку посредници бил дистрибуиран до останатите членови на групата.
И покрај неофицијалните сознанија, од Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност засега немаат објавено целосни детали за случајот. Јанев потврди дека акцијата продолжува и денеска во координација со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, со цел целосно расчистување на мрежата.
Надлежните најавуваат дека борбата против организираниот криминал ќе продолжи со засилено темпо, а безбедноста на граѓаните останува врвен приоритет.