РАСПИШАНА ПОТЕРНИЦА ПО ИВА МИХАИЛОВА Се очекува Бугарија да ја уапси и да ја испорача
Министерството за внатрешни работи распиша потерница по Ива Михаилова (23) од Кочани, од татко Симеон и мајка Христина, двајцата од Кочани.
„Лицето е барано по централна и меѓународна потерница по барање на Основен суд Кочани за кривично дело по член 300 став 4 и член 297 став 3 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Ива Михајлова, која во Македонија е обвинета за сообраќајна несреќа со смртни последици и во тек е судење, деновиве избега во Бугарија. Младата кочанчанка, која има и активно бугарско државјанство, викендов се појави на медиумите во Бугарија, по што беше утврдено дека на нелегален начин ја преминала македонската граница. Кочанскиот суд и има изречено мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за напуштање на државата, но поради нивно непочитување таа денеска доби 30-дневен притвор, што ќе се смета од моментот кога ќе биде приведена.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека таа нелегално ја напуштила државата и најави распишување меѓународна потерница.
– Се надевам дека нашиот источен сосед ќе се одважи да ги почитува меѓународните правила, Европската конвенција за човекови слободи и права, сè она што значи нормална европска држава каква што Бугарија тврди дека е и суштински и е дел од семејството на ЕУ. Тоа Бугарија треба да го покаже со дела, а не само со декларативни изјави – рече Тошковски.
Македонското МВР претходно соопшти дека таа нелегално излегла од Македонија и нелегално влегла во Бугарија.
– Преку заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија извршени се проверки и од страна на бугарската гранична полиција, од каде што е добиена информација дека за наведеното лице нема евидентиран легален влез на територијата на Република Бугарија – соопшти попладнево МВР.
Медиумите во Бугарија објавија дека Михајлова се наоѓа во Софија.
.
Извор: plusinfo.mk