
Радев: Македонија ќе гради мултиетничко општество кога ќе ги вклучи сонародниците на Гоце Делчев во Уставот
Напнатоста меѓу Софија и Скопје денеска ја коментираше и бугарскиот претседател Румен Радев.
Според него, раководството на Северна Македонија мора да ги убеди своите граѓани дека гради демократска држава.
„Раководството на РСМ може да тврди дека гради мултиетничко општество кога ќе најде сила да ги вклучи сонародниците на Гоце Делчев во својот Устав и, што е многу важно, во преговарачката рамка и составен дел – Протоколот меѓу двете земји. Таму нема напредок и затоа инсистирам да има движење пред Европа – тука се учебниците, јазикот на омразата, тука се медиумите, тука се архивите и извинувањето за етничките репресии врз Бугарите низ годините“, рече Радев.
И за време на IV самитот на Советот на Европа, потпретседателката Илијана Јотова изјави дека најопасниот тренд во Северна Македонија е раширениот јазик на омраза.
