
Работнички со „стотка“ го испрати Вардар за шеста победа во низа (ФОТО)
Вечерва, тимот од Градски парк го победи Вардар со 101-58 за шести триумф по ред во првенство со што го зголеми притисокот врз водечкиот тандем Еуро Никел-МЗТ Скопје. И пред почетокот беше јасно кој е фаворит на овој натпревар, а Работнички се погрижи максимално да го оправда епитетот.
Тимот на Горан Самарџиев отвори со 12-0, подоцна водеше со 21-4, а на крајот од првата четвртина и со 28-9. Доминацијата продолжи и во вториот квартал, брзо беше пробиена границата од 20 разлика, па на голем одмор се замина со 55-27 за домашниот тим. Највисоката предност на Работнички изнесуваше 49 поени (98-49), но сепак не успеа да го надмине рекордот од првиот меч против Вардар кога славеше со 51 разлика.
Дмитрик Трја со 18 поени и без промашување (6/6 за два, 2/2 за три) беше најефикасен кај Работнички, Џелетовиќ оствари дабл-дабл со 13 поени и 10 скока, а уште петмина играчи имаа двоцифрен ефект. Бајрам со 12 поени го предводеше Вардар кој го претрпе десеттиот пораз во низа.