
Просечната нето-плата во декември достигна 46.889 денари
Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2025 година изнесува 46.889 денари, што претставува годишен номинален раст од 7,6 проценти. Реалниот раст, според податоците на Државниот завод за статистика, изнесува 3,3 проценти.
Годишното зголемување најмногу се должи на растот на платите во секторите транспорт и складирање, каде што е регистриран пораст од 13,4 проценти, потоа земјоделство, шумарство и рибарство со 10,9 проценти, како и трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли и образование, каде растот изнесува 9,7 проценти.
Во однос на претходниот месец, просечната нето-плата во декември е зголемена за 2 проценти. На месечно ниво најголемо зголемување е забележано во секторите транспорт и складирање (12,8 проценти), рударство и вадење на камен (9 проценти) и градежништво (7 проценти).
И понатаму највисоки примања се исплатени во ИТ секторот, каде просечната плата изнесува 85.962 денари, додека најниски плати се евидентирани во угостителството – 33.179 денари.
