
Пред Алкалоид е нов европски предизвик, скандинавски тим со неколку ѕвезди доаѓа во Скопје
Бјерингбро-Силкеборг збогатен со неколку ракометни ѕвезди кои се поддршка за младите и амбициозни скандинавски ракометари во вторник ќе биде противникот на Алкалоид во третото коло од Европската лига.
Силкеборг веќе доаѓал во Македонија, во минатото двапати играше со Металург во Лигата на шампионите во сезоните 2012/13 и 2018/19. Во овој клуб има настапувано и поранешниот македонски ракометар, Аце Јоновски.
Ова лето Бјерингбро-Силкеборг се засили со сериозна ракометна ѕвезда, во татковината се врати Расмус Лауге кој пристигна од Веспрем, а претходно настапуваше и за Кил и Фленсбург. Тој не е единствената ѕвезда, за противникот на Алкалоид игра и ветеранот Рене Тофт Хансен кој иако има 39 години се уште настапува на високо ниво. Меѓу ѕвездите и десниот бек Николај Орис кој е капитен на тимот, а тука е и Јохан Сјостранд кој играше за Барселона, Кил, Фленсбург. Останатите ракометари се млади, но со високи амбиции да остават свој траг во ракометниот свет.
Бјерингбро-Силкеборг е тим кој игра класичен скандинавски брз, модерен ракомет. Нешто што е типично и за Алкалоид предводен од Кире Лазаров кој се стреми своите ракометари да добијат современ лик, а доказ за тоа е што се најефикасни во домашното првенство по првите десет кола со просек од 36 постигнати гола по натпревар.
Во првите две кола од Европската лига, Бјерингбро-Силкеборг има една победа и еден проаз. Славеше над Ла Риоха, а загуби од Војводина.
Натпреварот меѓу Алкалоид и Бјерингбро-Силкеборг се игра во вторник од 18:45 во СЦ „Јане Сандански. Билетите се пуштени во продажба преку продажната мрежа на „МкТикетс“, а чинат 100 и 150 денари.
