
„Правдата и вистината да излезат на виделина“: Попладнево „Марш за ангелите“ во Кочани
Со порака „Правдата и вистината да излезат на виделина“, денеска во Кочани повторно се одржа „Марш за ангелите“, во спомен на младите животи изгубени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ на 16 март годинава. Маршот, како и претходните пати, започна од Паркот на револуцијата.
Движејќи се низ центарот на градот, учесниците на протестот застанаа во Трговскиот центар, каде што бројни гости, претежно тинејџери, станаа од своите места и со молк им оддадоа почит на загинатите.
На кружниот тек на улицата „Стево Теодосиевски“, Манта Стојменова, мајка на едно од починатите момчиња – Спире Стојменов, одржа емотивно обраќање. Таа изрази револт поради неказнивоста и институционалниот молк по трагедијата.
„Каде се институциите што требаше да не штитат? Каде е системот? Каде беа тие што седат во луксузни канцеларии, со плати од народни пари – а не видоа, не слушнаа, не почувствуваа дека пред нив се создава шупа, а внатре замок на монструм?“, праша Стојменова.
Маршот продолжи пред просториите на УЈП, Полициската станица, Основниот суд и Обвинителството во Кочани, каде родителите оставија фотографии од починатите млади на влезната ограда, како симболичен повик за правда.
Протестот заврши таму каде што и започна – во Паркот на револуцијата, со порака дека борбата за вистината продолжува сè додека виновниците не бидат изведени пред лицето на правдата.
