Помина медицински прегледи кај Евертон, Тотнем му го лапна во „5 до 12“!
За да биде циркусот уште поголем, фудбалерот на Виљареал уште викендов пристигнал во Ливерпул и минал медицински тестови во Евертон. Планирано беше да се пресели таму на позајмица, а иако силен глас во зделката имал Френк Лампард, неговиот отказ од викендов не влијаел на пропаѓање на договореното. Раководството разговарало со Данџума и се разбрале дека плановите и кон него и за иднината на клубот остануваат исти и со новиот менаџер (кој и да биде тој).
Требало вечерва да потпише, но во меѓувреме Тотнем извел еден класичен „земи бегај“ потег во „пет до 12“. Неофицијално, разговарале со Виљареал и понудиле нешто подобри услови за клубот. За разлика од договорот со Евертон каде што немало други додавки освен самата позајмица, Тотнем се понудил да му го откупи договорот на Данџума на крајот од сезоната, а во меѓувреме да ја покрие целата негова плата. Тоа значи чиста заработка за Виљареал, па веднаш го информирале напаѓачот дека има опција да замине и во Тотнем.
Данџума експресно ја сменил насоката и денеска е во Лондон на преговори за личните услови. Напаѓачот со нигериско потекло има 25 години и во Виљареал пристигна минатата сезона, од редовите на Борнмут. Одигра 17 меча и постигна шест гола за „Жолтата подморница“ оваа сезона, а за целиот престој таму, на 51 меч во сите конкуренции има 22 погодока. Најчесто игра како лево крило, а знае да покрие и на централната напаѓачка позиција.