
Политичката иднина на Зијадин Села сè повеќе зависи од оние кои со години ги игнорираше – македонските гласачи во Струга
Политичката иднина на Зијадин Села сè повеќе зависи од оние кои со години ги игнорираше – македонските гласачи во Струга. Парадоксално, токму тие сега ја држат во раце неговата политичка судбина.
Села, кој во минатото често знаеше да испрати остри и провокативни пораки насочени кон македонската заедница, денес се соочува со реалноста дека без нивната поддршка нема политички опстанок. Градот Струга, кој долго време беше симбол на мултиетнички соживот, под неговото владеење стана поларизиран простор, каде што секоја одлука се толкува низ етничка призма.

Неговите постапки, кои често беа дочекувани како потценување на македонските граѓани — од промената на симболи, до приоритетите во локалната администрација — создадоа силно недоверие. Македонците во Струга не забораваат дека Села повеќе пати во јавноста зборуваше за „нееднаквост“, но ретко зборуваше за еднаквост на сите, без разлика на етничката припадност.
Сега, кога неговата политичка позиција е разнишана, токму тие кои беа цел на неговата реторика можат да одлучат дали ќе му овозможат нов политички здив – или ќе му го свртат грбот засекогаш. Иронијата е што човек кој често настапуваше со поделбен тон, денес мора да моли за обединување.
Во Струга политичката егзистенција не се гради на етнички калкулации, туку на дела и почит кон сите граѓани. А Села, изгледа, предоцна го сфати тоа.
Во Струга, изборите не се само трка за градоначалничката функција – тие се битка за опстанок на политичкото влијание на Зијадин Села. Арсим Далипи, официјално претставен како „ново лице“ и „модерен избор“, во суштина е продолжена рака на поранешниот градоначалник и лидер на Алијанса за Албанците.
Под маската на дигитализација, зелени проекти и „нов почеток“, се крие старото сценарио – одбрана на интересите на истата група што ја водеше општината со години. Граѓаните на Струга добро знаат дека Села не се повлече од политиката, туку се обидува преку својот кандидат да го задржи влијанието во локалната власт.
Арсим Далипи, зад него стои целата мрежа на поранешни функционери, партиски луѓе и структури што ја користеа општината како политички и економски ресурс. Наместо промени, се нуди континуитет на старите политики – каде личната и партиската лојалност беа поважни од интересите на граѓаните.
Секако, поддршката од Села може да донесе организациска сила, но и сериозен товар – неговата поделбена реторика и контроверзни изјави сè уште се свежи во сеќавањето на многумина. За голем дел од македонските гласачи во Струга, токму таа врска е црвена линија.
Ако Струга навистина сака нов почеток, тешко ќе го најде во кандидат кој во сè личи на својот политички ментор. Арсим Далипи можеби е ново лице, но зад него стои старата сенка на Зијадин Села?!