Под полициска заштита: Холандски десничар го искина Куранот пред Парламентот во Хаг
Едвин Вагенсвелд, водачот на холандското движење Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот (ПЕГИДА), викендов во Хаг го искина Куранот. Вагенсвелд на својот Твитер-профил сподели видео на кое го кине Куранот пред зградата на Парламентот во Хаг.
За време на инцидентот бил сам и се се одвивало под полициска заштита. Тоа му било дозволено под услов да не го запали Куранот по примерот на саботниот инцидент во Шведска, објави турската агенција „Анадолија“.
Во продолжение на споделеното видео се гледа како искинатите страници од Куранот се запалени во тава, на друга локација.
Овој инцидент се случи веднаш по оној од инцидентот во саботата во Шведска кога Расмус Палудан, лидерот на екстремно десничарската данска партија „Цврст курс“ (Страм Курс), запали копија од Куранот пред Турската амбасада во Стокхолм. За време на палењето на светата исламска книга, Палудан бил опколен од бројни припадници на полицијата.
Реагираше Министерството за надворешни работи на Турција, кое најостро го осуди нападот врз Куранот во Хаг, Холандија, а амбасадорот на земјата во Анкара, Џоп Вајнандс, е повикан во Министерството при што му е пренесен официјален протест за инцидентот.
„Најостро го осудуваме гнасниот напад од страна на антиисламска личност во Хаг, Холандија, на 22 јануари, насочен кон нашата света книга – Куранот. Овој одвратен чин што ги навредува нашите свети вредности и вклучува злосторство од омраза, по Шведска, овој пат во Холандија, е јасна изјава дека исламофобијата, дискриминацијата и ксенофобијата не познаваат граници во Европа“, се истакнува во соопштението.
Беше истакнато дека таквиот чин е директно насочен кон основните права и слободи, духовните вредности и социјалната толеранција, не само на муслиманите, туку и на целото човештво и оти штети на културата на заедничко живеење во мир.
Се додава дека холандскиот амбасадор во Анкара бил повикан во Министерството и му била пренесена осуда и протест против тој „грозоморен и одвратен чин“. Посочено е оти се очекува холандските власти да ги преземат неопходните активности против сторителите на инцидентот и да спроведат конкретни мерки за да се спречи повторување такви инциденти.