
Почина Зоран Петковски, советник во битолскиот Совет и кошаркарска легенда
Кошаркарскиот клуб Пелистер од Битола на својот Фејсбук профил објави дека починал Зоран Петковски, битолска кошаркарска легенда.
„Со голема тага ја примивме вест за прераната смрт на Зоран Петковски, битолската кошаркарска легенда и човекот кој во животот направи многу за КК Пелистер. Петковски своите кошаркарски почетоци ги имаше токму во зелено-белиот дрес, беше и младински репрезентативец на Македонија во одличната генерација предводена од Митко Луковски, а потоа во кариерата ги бранеше и боите на Куманово, Вардар, МЗТ Скопје, Соколи, повторно Пелистер,па Радовиш…. Очекувано, кога ја почна тренерската кариера тој седна на клупата на КК Пелистер, тим со кој обезбеди влез во елитното друштво. Пред неколку години тој беше и дел од управата на „пелистерци“. Битола загуби спортска легенда“, велат од клубот.
Тој беше и советник во битолскиот Совет од редовите на ВМРО ДПМНЕ во изминатите 4 години, а во неделата на локалните избори доби нов мандат во новиот состав на Советот на Општина Битола.
