
ПАЗАРОТ НА НЕДВИЖНОСТИ ВО СВЕТОТ ГО ЧЕКА ЕКСПЛОЗИЈА – стручњаците прогнозираат поскапувања во следната деценија
Во следните 10 години цените на недвижностите значително ќе се зголемат во сите делови на светот, објавено е денеска на веб-страницата на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен.
Според резултатите од кварталното истражување на IFO и Институтот за швајцарска економска политика (IWP), цените на недвижностите ќе се зголемат во просек за девет отсто на глобално ниво во следната деценија.
– Зголемувањето на цените на недвижностите е поттикнато од факторите на побарувачка, а не од понудата, според истражувачот на IFO, Тимо Вонер.
Забележлива е нерамнотежа во прогнозата за Европа
Цените на недвижностите во Западна Европа ќе пораснат просечно за 6,4 отсто, а во Северна Европа за 9,9 отсто, додека во Јужна Европа се очекува пораст на цените на недвижностите за дури 18,4 отсто и во Источна Европа за 14,9 отсто во следните 10 години.
Цените на недвижностите во Велика Британија ќе се зголемат за 8,4 проценти, како и во Германија – за 7,2 проценти, Франција – за 5,5 проценти и во САД – за 6,0 проценти.
Посебен пораст на цените во Јужна Азија
Поточно, цените на недвижностите ќе пораснат во Јужна Азија – за 25,1 отсто, Западна Азија – за 22,4 отсто и Централна Америка – за 24,4 отсто.
Во многу региони во светот, зголемената побарувачка за недвижен имот расте поради повисокиот животен стандард и повисоките приходи, како и поради растот на населението и желбата за повеќе простор за живеење.
За 37 отсто од анкетираните експерти овие фактори стојат зад зголемувањето на цените на недвижностите на глобално ниво.
– Околу 27 отсто од анкетираните експерти сметаат дека за зголемувањето на цените се одговорни факторите на понудата – ограничените производствени капацитети за изградба на нови станбени површини, повисоките цени на градежните материјали и недостатокот на парцели, рече Вонер.
Околу 12 отсто од експертите сметаат дека за поскапувањето на недвижностите најмногу се виновни монетарната политика, инфлацијата и владините политики во одредени земји.
На регионално ниво, очекувањата на експертите за цените на недвижностите се во голема корелација со нивните прогнози за инфлација, според веб-страницата на Институтот во Минхен.
Во ова истражување, кое беше спроведено од 14 јуни до 2 јули, учествуваа 1.405 економски експерти од 133 земји.
(Танјуг)
