„ОВА Е НАШАТА НАМАЛЕНА ЦЕНА, А ОВА Е ЦЕНАТА ШТО ЈА ОДРЕДИ ВЛАДАТА“: Маркетите продолжуваат забрзано да ги менуваат цените
По најавите за новите мерки за ограничување на маржите и
замрзнување на цените на основните прехранбени производи, денеска низ маркетите
владее засилена активност. Вработените ажурно ги менуваат цените, некои почнаа
со тоа уште вчера, а денеска работата продолжува со засилен интензитет.
Додека некои маркети за кратко ги затворија вратите за да
можат непречено да ги прилагодат цените, други продолжија со продажба,
паралелно работeјќи на ажурирање на ценовните етикети.
Во еден од скопските
маркети забележавме дека работата на рафтовите се одвиваше со забрзано
темпо, а една од шефиците ѝ
даваше напатствија на вработена за означување на производите со новите цени:
„Ова е нашата намалена цена, а ова е цената што ја одреди
Владата. Стави го ова прво.“
Владините мерки, кои предвидуваат ограничување на маржите од
5 до 15 отсто за 100 групи производи, како и замрзнување на цените на осум
основни артикли, ќе бидат во сила до крајот на април.
Со најниска маржа од 5 отсто се регулирани цените на лебот,
млекото, брашното, киселото млеко, јогуртот, јајцата и маслото, бидејќи се
сметаат за производи кои најчесто се купуваат од граѓаните. На шеќерот,
млечните производи, путерот, гравот и конзервираната храна ќе им се пресметува
маржа од 10 отсто, додека свежото овошје и зеленчукот, детергентите, средствата
за хигиена и бебешката храна ќе се продаваат со маржа од 15 отсто.
Овие одлуки се резултат на неделни преговори помеѓу Владата
и трговците, откако првичниот план за замрзнување на маржите на 10 отсто наиде
на отпор од бизнис-секторот.
Во меѓувреме, Комисијата за заштита на конкуренцијата објави
дека е откриено можно незаконско договарање помеѓу неколку синџири на маркети,
спротивно на Законот за заштита на конкуренцијата. По ненадејна контрола
извршена кај четири трговски субјекти и една стопанска комора во која тие се
здружени, Комисијата најде докази за картелско здружување и координирано
одбивање на набавки од добавувачи кои доставиле нови ценовници. Од КЗК велат
дека е поведена прекршочна постапка против овие правни лица, бидејќи нивните
дејствија претставуваат сериозно нарушување на пазарната конкуренција.
Примената на мерките доаѓа во момент кога граѓаните сè
почесто организираат бојкоти против високите цени во маркетите, револтирани од
континуираниот раст на трошоците за живот. Според најновите податоци од
Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во јануари 2025
година, во однос на јануари 2024 година, бележи зголемување од 4.9 проценти, додека индексот на
цените на мало е зголемен за 5.2
отсто.
Овие податоци укажуваат на продолжен пораст на цените, иако
со поумерен темпо во споредба со претходните години.
Дополнително, агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“
прогнозира дека просечната стапка на инфлација ќе се намалува во 2024 и 2025
година, предвидувајќи дека во 2025 година ќе изнесува 2.8 отсто.
Ова укажува на очекувања за стабилизација на ценовните
притисоци во наредниот период.
Сепак, во контекст на тековните владини мерки за
ограничување на маржите и замрзнување на цените на одредени производи, останува
да се види како овие интервенции ќе влијаат на реалната инфлација и на
животниот стандард на граѓаните во следните месеци.
Анита Буховски