Одлучна сум да работам без задршка и моето име утре да се поврзува со инвестиции, нови капацитети и создавање енергетски независна Македонија: Интервју со министерката Божиновска
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска е жена која инспирира. Со години е успешна како менаџер, експерт за енергетика, а образованието, посветеноста и меѓународните искуства ѝ го трасирале патот во професионалната кариера.
Секој ден откако стана министерка постојано е ангажирана, подвижна, работата ја демонстрира на дело, а голем предизвик ѝ се и младите за кои смета дека енергетиката им пружа многу можности и може да им го трасира патот кон успехот. Се разбира, за тоа треба работа, учење и вештини, а таа е секогаш тука да помогне… Божиновска е и поборник за женските права и вели дека живееме во време каде лесно се осудува, лесно се лепат етикети, а вистинските вредности тешко доаѓаат на површина. Исто е и за поставување на жени на раководни позиции…
ЖМ: Како експерт во областа на енергетиката, дали е тешко да се биде жена која работи и во енергетскиот сектор? Колку се потребни жртвувања, откажувања …?
Работата во енергетскиот сектор сама по себе е предизвик, независно дали сте жена или маж. Зошто предизвик? Треба да имате добро познавање на пазарот, да следите многу информации, да правите анализи и да давате мислење коешто се цени во овој домен на бизнис. Оваа работа не е едноставна, но затоа ја сакам, бидејќи оној кој навлегува длабоко во суштината на енергетиката има резултати, не дозволува површност. Исто како задачата што ја имам сега, да поставам министерство, да го водам и да дадам конкретни резултати. Како прв министер за енергетика, рударство и минерални суровини во Македонија сакам и знам дека ќе успеам моето име утре да се поврзува со реализирани инвестиции, градба на капацитети и создавање на енергетски независна Македонија, што ќе донесе бенефит за граѓаните и економски развој на земјата. ЖМ: А, како е да се работи во делот на рударство и минерални суровини? Веруваме дека земјава може да се пофали на тој план, земајќи ги предвид ресурсите со кои располагаме.
– Рударството е столб на економијата во многу земји, вклучително и во нашата. Оваа индустрија моментално придонесува околу 1% во вкупниот БДП на државата. Македонија има богати ресурси, но тоа богатство треба внимателно да го користиме и чуваме. Вложуваме во модерни технологии кои ја минимизираат штетата врз животната средина и ги максимизираат придобивките за граѓаните. Освен тоа, секој рудник што го посетувам ми е потсетник дека зад бројките и статистиките стојат луѓе кои секојдневно се борат за просперитет. Рударскиот сектор создава над 8000 работни места и најважни се луѓето кои работат во оваа индустрија. Целото интервју на Женски магазин