
Од притвор директорот на Комунална хигиена поднесе оставка
Директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, вчера за време на распитот во Основниот кривичен суд – Скопје поднел неотповиклива оставка од својата функција, информира неговиот адвокат Асмир Алиспахиќ.
– На барање на мојот клиент, сакам јавно да соопштам дека тој пред судијата на претходна постапка официјално ја депонира својата неотповиклива оставка од местото в.д. директор на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Ова е морален чин на сега веќе поранешниот директор, кој не сака јавноста да помисли дека на кој било начин ќе се обиде да ја попречува истрагата – изјави адвокатот Алиспахиќ.
Според него, одлуката е донесена по консултација со бранителите, со цел да се обезбеди непречено водење на постапката и да се докаже дека Рустеми нема никаква поврзаност со делото што му се става на товар.
– Оставката е чекор со кој Рустеми покажува дека нема намера ниту да влијае, ниту да попречува каква било истражна постапка – додаде адвокатот.
Алиспахиќ нагласи дека обвинението се однесува на ретко кривично дело – „загрозување на животната средина и природата со отпад“, предвидено во член 230 став 1 од Кривичниот законик, кој со измените од 2023 година е проширен со нови одредби.
Тој истакна дека Рустеми, кој бил именуван за директор во февруари 2025 година, повеќепати барал од Управниот и Надзорниот одбор на претпријатието да се обезбедат дополнителни ресурси, механизација и нови вработувања, но неговите барања не биле прифатени.
Покрај Рустеми, обвинет е и управителот за отпад во претпријатието, Аки Саити, кој исто така го застапува адвокатот Алиспахиќ. На двајцата судот им одреди 30-дневен притвор.
Тие се товарат за загрозување на животната средина и природата со отпад – кривично дело за кое е предвидена казна затвор.
