Николоски: Бугарија „продава“ демократија, а не спроведува 16 пресуди за Македонците од Судот за човекови права
Бугарија константно одбива да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, кои се носени низ годините наназад. Има 16 пресуди кои се однесуваат на Македонците во Бугарија, на нивното правото на здружување, правото на настап на избори, на образование на мајчин јазик, на искажување на посебноста како Македонци, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во емисијата „10 минути“ на ТВ 21.
Тој кажа дека на следниот самит на Совет на Европа во Рејкјавик ќе се разговара за воспоставување на ефективен механизам со кој пресудите ќе мора да се спроведуваат и Бугарија да мора да ги спроведе.
– Често се случува граѓани од различни земји од Европа да си бараат права, да добијат пресуда и таа држава да плати минимална парична казна и да одбива остатокот од пресудата да го примени како што е во случајот со Бугарија која е рекордер во избегнување на примена на пресуди од Европскиот суд за човекови права. Мора да се најде ефективен механизам за што добив поддршка и во заклучните согледувања на претседателот на комисијата за политички прашања и демократија беше потенцираат мојот говор и дека мора да се најде ефективен механизам за спроведување на овие пресуди. Македонците од Бугарија добиле во Стразбур дека не им е признато правото на здружување, правото на настап на избори, правото на образование на мајчин јазик, правото на искажување на посебноста како Македонци, а Бугарија одбива да го спроведе тоа, рече Николоски.
Тој додаде дека ќе се воспостави ефективен механизам не само за Бугарија, туку за сите земји членки на Советот на Европа за да почнат да се применуваат пресудите на Европскиот суд за човекови права.