
Ненамерен пропуст била забраната на македонското знаме на „Австралија Опен“
Министерството за надворешни работи (МНР), преку амбасадата во Канбера, веднаш реагирала до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, како и до организаторот на турнирот, „Австралија Опен“, за пропустот поврзан со македонското знаме на тенискиот турнир „Австралија Опен“.
„Оттаму добивме уверување дека се работи за ненамерен пропуст – техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот“, информираат од македонското МНР.
Организаторот појасни дека согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот; воедно добивме и потврда дека за време на учеството на нашата натпреварувачка Илина Ѓорчевска, официјалното знаме на земјава било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања.